Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски заедно со заменик министерот за локална самоуправа и просторно планирање, Јани Макрадули беа на увид по течението на река Брегалница.
„Јас сум на страната на правдата и мора оваа работа да ја истераме до крај со цел да излезе вистината на виделина.
За среќа бунарите на Општина Штип за водата за пиење се безбедни бидејќи се на повисоко ниво и не се допрени од страна на таа материја.
Во наредните денови ќе се вршат анализи од водата за пиење од чистата вода којашто е излезена од филтер станицата во Штип и секако сировата вода којашто е пред влезот во филтер станицата и од водата во градскиот водовод.
Центарот за јавно здравје и ЈП „Исар“ ги прават анализите и досега немаме анализа што покажува вода со полоши квалитети од тоа што била претходно.
Тоа е добрата вест којашто сакаме да ја знаат граѓаните. Дополнително материјата којашто е истечена е само транзитно помината низ реката и првите анализи покажаа дека нема никакви оштетувања на животинскиот и растителниот свет,“ истакна градоначалникот Бочварски.
Заменик министерот Макрадули истакна дека државниот инспекторат и локалната самоуправа одговорија брзо и експресно за решавање на овој проблем.
„Државниот инспекторат донесе една првична казна, а кога ќе се добијат анализите од лабораторијата кога ќе се состави досието тогаш ќе се донесе конечната одлука за висината на казната,“ истакна Макрадули.