Локалната акциона група „Плачковица“, која има проекти во четири општини од Плачковичкиот Регион, Радовиш, Конче, Карбинци и Штип, уште пред да почне енергетската криза почна со исталирање фотоволтаични панели за производство на струја на 4 јавни објекти во овие општини. Станува збор за фотонапонски панели кои веќе се во функција на основно училиште во населбата Три Чешми кај Штип, потоа во градинка во селото Таринци од Општина Карбинци, на зградата на Општина Конче и на гимназијата „Коста Сусинов“ во Радовиш.
Вкупната инвестиција изнесува 1.790.000 денари од кои 800.000 денари се финансиска поддршка од националната програма за рурален развој, а останото е обезбедено со кофинансирање на четирите општини.
„Општина Штип минатата недела донесе одлука за кофинансирање, а во текот на февруари такви одлуки треба да донесат и останатите Општини. Во првите три општини се поставени 5-киловатни мини-централи, додека централата на гимназијата во Радовиш е со двојно поголем капацитет“, вели Столе Георгиев, овластено лице на „Плачковица“.
Според координаторот на проектот, годишното производство од секој панел посебно ќе изнесува од 7.000 до 14.000 киловат-часови. Вкупните заштеди изнесуваат од 40 до 60 проценти. Струјата што ја произведуваат фотонапонските панели се предава на операторот ЕВН и на крајот од секој месец се врши израмнување на сметките на потрошената електрична енергија со произведената струја, што значи сметките ќе бидат пониски од 40 до 60 насто.
„Не знаевме дека ќе има енергетстка криза, но сега заклучуваме дека проектот бил на место и во вистинско време. Фотонапонските панели се добредојдени за четирите општини. Последниот панел се постави на училиштето во Три Чешми при крајот на минатата година и ова училиште во текот на оваа година, посебно за време на второто полугодие, ќе ја увиди заштедата и користа од овој проект“, додава Георгиев.