Денес ги славиме храброста и непоколебливоста на востаниците од 1903 година, ги славиме визионерството, одлучноста и упорноста на партизаните кои се изборија за слободна и суверена македонска држава.
Македонската афирмација и државност е проткаена со идеолошката борба против најголемото зло во светот – фашистичкиот окупатор.
Во темелите на нашата држава се вградени Илинденското востание и Антифашистичката борба како идеолошка одредница и правец на нашата земја.
Затоа денеска се поклонуваме пред идеалите на Гоце, Даме и Питу, но и на Вера Циривири, Кузман Јосифоски, Михајло Апостолски и сите учесници во Илинденското востание и Народноослободителната борба.
Сите тие се бореа за слобода. Слободата се добива, но за неа мораме да се бориме постојано. Тоа го правиме преку секојдневните наши постапки, преку нашите определби, преку нашите заложби за интеграција, солидарност и напредок.
Слободата ја одржуваме и секогаш кога се соочуваме со предизвици. Тоа не е лесно, но токму нашиот одговор на предизвиците покажува од каков материјал сме градени и колку далеку можеме да одиме.
Нашите предци имале храброст да се соочат и со османлискиот окупатор и со фашизмот и нацизмот.
Ние многу често се соочуваме со поинакви предизвици и состојби кои треба да ги надминеме, како различни типови на национализам и сеење на зло и омраза помеѓу нас.
Убедени сме дека имаме храброст да одговориме на овие предизвици со работа, со труд, со одлучност за напредок и влез во најразвиените и најсилните семејства, во НАТО и ЕУ, онаму кадешто припаѓаме.
Ние имаме храброст да го избереме правилното, да избереме соработка и сојузништво, ние имаме храброст да се бориме против поделбите, да се бориме за соживот во нашето убаво, мултикултурно општество.
Ние имаме храброст да избереме да ги вреднуваме различностите, да ги почитуваме поинаквите, да ја унапредуваме слободната мисла и слободниот говор, затоа што знаеме дека на тој начин ја зацврстуваме и сопствената оставштина.
Оваа година е тешка за целото човештво. Денес се соочуваме со еден нов, невидлив непријател.
Битката со овој невидлив непријател ни покажа уште еднаш колку е, всушност, важно да бидеме обединети, да бидеме сплотени, да бидеме разумни, паметни, но и одлучни да победиме.
Непоколебливата волја и стремеж кон подобро на илинденците во 1903 и партизаните во 1944 година да ни бидат пример кој ќе го следиме во оваа наша заедничка борба во која сите сме вклучени и сите сме на иста страна.
Сите ние со возвишени граѓански и државнички чувства, остануваме горди на Илинденското востание и Заседанието и одлуките н АСНОМ, на изградбата на современа, демократска и напредна држава, но и на нашите безбедносни и модерни перспективи, на новите патеки по кои се движиме – секогаш во правилна насока.
Да се вечни сеќавањата за двата Илиндени!
За многу години Илинден!