Во основното училиште Тошо Арсов после долги години се работи темелно на реконструкции на сите делови од училиштето. Во изминатите 2 ипол години во ова училиште се реконструираа училниците, прозорите, дворот, а во моментот се работи на реконструкција на фасадата и кровната конструкција кои беа во дотраена состојба од изградбата на училиштето.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски заедно со директорката на училиштето извршија увид во работните активности.
„Во моментот се работи на реконструкција на кровната конструкција од 4400 метри квадратни и на фасадата од 3800 метри квадратни, се работи за инвестиција од околу 650.000 евра. Заедно со сите реконструкција во и околу училиштето Тошо Арсов во изминатите 2 ипол години имаме инвестирано околу 850.000 евра,“ истакна градоначалникот Бочварски.
Директорката на ова основно училиште истакна дека е благодарна за добрата соработка со локалната самоуправа и за сите успеси кои заеднички се постигнати во изминатиот период.
„Училиштето е подготвено и ги чекаме укажувањата од Министерство за образование и наука и Комисијата за заразни болести. Подготвени сме и за online настава со тоа што ги подобруваме сите недостатоци од изминатата училишна година,“ истакна директорката Фросина Маџарова.