Презентиран Извештајот за реализација на проектот : „Подигање на свеста на средношколската младина за сексуално преносливите болести и можните последици од нив, во насока на превенција на истите“
На 2 декември, а во рамки на одбележување на Светскиот ден за борбата против СИДА-та во Општина Штип беше презентиран извештајот за реализираниот проект „Подигање на свеста на средношколската младина за сексуално преносливи болести и можните последици од нив во насока на превенција на истите“ кој е дел Годишната програма за еднакви можности на Општина Штип за 2024 година,.
Овој проект беше спроведуван и во текот на изминатите години, почнувајќи од 2010 до 2019 година, по што со започнување на епидемијата беше прекинат. Истиот беше реализиран од страна на доктори епидемиолози од Центарот за јавно здравје од Штип. Годинава целна група беа средношколците од прва година во сите средни училишта во општината вкупно 470 ученици. Предавањата ги реализираа стручни лица, епидемиолози од Меѓопштинскиот центар за јавно здравје од Штип, д-р Светлана Живкова и д-р Јасмина Саздовска.
Во делот на активностите од проектот беа предвидени: анализа на почетната состојба на знаењата на младите за овие заболувања преку анкетирање, сумирање на резултатите од анкетата, откривање на непознавањата за овј вид на заболувања, реализирање на предавања и повторно анкетирање со цел утврдување на напредокот со знаењето на оваа тема.
Резултатите од предтестот покажаа дека учениците од сите заболувања кои биле наведени, во најголем процент биле запознати и ја распознавале СИДА-та како сексуално пренослива болест. По реализирање на предавањето, при повторното тестирање тие покрај СИДА-та навеле и други сексуално преносливи болести. Учениците научиле дека сексуалниот однос не е единствениот пат на пренесување на СПБ, како што покажале во предтестот, па во посттестот учениците ги препознавале и другите начини на пренос како што се пренос преку крв и телесни течности и пренос од мајката на плодот.
Во однос на ризиците и последиците од СПБ, исто така во посттестот се забележало препознавање на повеќе ризици и последици од СПБ за разлика од знањата во преттестот. Како превентивна мерка во преттестот главно била наведувана употребата на кондом, но во посттестот учениците како точен одговор заокружувале повеќе превентивни мерки кои се подеднакво важни и ја разбрале важноста од истовремена примена на повеќе заштитни мерки, со цел најдобра заштита и најголема безбедност по здравјето.
На крај може да се заклучи дека предавањата биле успешни и го постигнале очекуваниот ефект, бидејќи во речиси сите прашања во поттестот се зголемил процентот на точни одговори, а се намалил процентот на неточни одговори.
Препораки:
- Што поголем број на ученици да бидат опфатени со едукација на теми од областа на сексуалното и репродуктивно здравје кај младите;
- Потребно е ваков тип на едукации да се спроведуваат секоја година континуирано, со цел подобрување на нивото на здравствената култура на средношколската младина;
- Поголема информираност на населението за сексуално преносливите болести, ризици и превенција од нив, преку медиумите;
- Спроведување на кампањи со изработка на брошури и постери и нивна дистрибуција низ училиштата.