Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани штипјани,
Почитувани сограѓани,
СДСМ ја формира новата Влада. Добиваме нов состав со чесни, исполнителни, посветени кадри кои ќе продолжат да ја водат земјата напред и во нови успеси.
Мандатарот и иден Премиер, Зоран Заев ми ја укажа огромната чест кога ми ја врачи довербата, но и одговорноста, да бидам кандидат за министер за транспорт и врски. Ова е голема обврска и одговорност за мене, предизвик на кој ќе одговорам со сериозна, упорна, чесна и посветена работа за унапредување и осовременување на инфраструктурата на територијата на цела земја.
Почитувани штипјани,
Назначувањето за министер не е само мој успех, тоа е успех и на нашиот град, кој после долги години добива министер во Влада. Со тоа ние штипјани уште еднаш покажуваме на дело дека нашиот град е расадник на квалитетни кадри, но се покажува и дека нашите заложби се препознаени и уважувани од централната власт. Во новата Влада дури три министри се од оваа изборна единица од истокот. Тоа е доказ дека во СДСМ се вреднува квалитетот, но и дека нашата партија има разновидна и сестрана понуда која е неоптоварена од тесно централизирано уредување, туку е насочена кон искористување на потенцијалите на секого и развивање на целата држава и потребите на сите региони подеднакво. Кон таков целокупен развој ќе продолжиме да бидеме ориентирани и понатаму.
Почитувани сограѓани,
Во изминатите нешто помалку од 3 години, колку што сум градоначалник, Штип доживеа градежна ренесанса, за што особено се гордеам. Во нашиот град се гради, се реализираат проекти како никогаш досега.
• Во рекордно време и со 70 проценти сопствени сопствени средства изградивме нова детска градинка после 30 години, со што го решивме проблемот со недостаток на капацитети за сместување дечиња во градинките во нашиот град;
• Изградивме нов мост на река Брегалница, кој претставува нова и значајна артерија во градскиот сообраќај, како и врска меѓу двете најбрзорастечки населби;
• Ја завршивме обиколницата со два кружни тека за поголема безбедност на граѓаните;
• Изградивме нов водовод во населба Балканска;
• Изградивме платформа со нови паркинг места и обезбедуваме паркинг и солидни сообраќајни решенија во централното градско подрачје, а веќе во напредна фаза е изградбата на втората платформа,
• Изградивме нов пат до село Почивало и нови улици во Караорман;
• Изградивме и реконструиравме над 50 штипски улици со должина околу 18 километри должина, а реконструиравме и градевме над 14 илјади метри квадратни тротоари, пешачки површини и платоа;
• Градиме затворен базен;
• Се гради Аква паркот во Штип како приватна инвестиција, но ние веќе ја градиме тамошната инфраструктура, улици, водоводи и канализации за овој Аква парк кој ќе биде отворен наскоро.
• Се реализира деценискиот сон на штипјани – градиме брана на река Отиња која ќе биде реализирана токму преку министерството за транспорт и врски.
• Граѓаните нскоро ќе добијат нов најмодерен стадион. Изработив проект за градскиот стадион во Штип, а преку програмите на ФФМ обезбедив финансиска конструкција за изградба на првата трибина, а веднаш потоа и на втората. За потсетување трибините на постоечкиот стадион се изградени во шеесетите години на минатиот век.
Почитувани граѓани,
Ова е за мене емотивен момент на измешани чувства затоа што со максимална одговорност, труд и работа се вложив и се посветив на решавање на секое важно прашање за градот и граѓаните. Резултатите тоа го покажуваат.
Како градоначалник силно се заложив за секој еден проект кој е на нашата агенда, а со кој се обезбедува вистински развој за Штип. Со сите сили се борев за да започне изградбата на брана на реката Отиња. Се будев и легнував со мисла за предизвиците и потребите на градот и моите сограѓани. Дадов голема жртва за да го трасирам патот за вистински развој на Штип. Ова беше препознаено од Претседателот на партијата и мандатар за состав на новата влада, и јас сум единствениот градоначалник кој добива огромна чест да го водам ова големо и гломазно министерство и секако да бидам репрезент на мојот град Штип.
Драги штипјани,
Со истиот жар ќе продолжам да се борам за она што ни е приоритетно, за она што ни е важно и денес, но и за следните генерации.
Како министер за транспорт и врски ќе ја продолжам реализацијата на изградбата на брана на река Отиња која е во програмите на министерството за транспорт и врски и на Владата, што ќе биде белег на Штип и гордост на сите штипјани.
Повторно и повторно се обврзувам пред сите вас дека ќе продолжам да работам на значаен инфраструктурен развој, не само на Штип и на регионот, туку овој пат на целата земја.
Беспоштедно ќе се посветам на труд и многу работа во изградбата на модерна и европска инфраструктура, која е главен предуслов за растечка економија и висок квалитет на живот.
Моја мисија е да ја отвориме вратата на науката преку примена на сите нови модерни европски стандарди во изградба на патната инфрструктура.
Ќе се посветам на изградба на автопатишта, експресни патишта и локални патишта на територија на целата земја. Ќе им помогнам на општините за реализација на што е можно повеќе проекти, а со тоа и развој на локалните заедници. Како архитект и градоначалник имам стекнато искуство кое е значајно токму во оваа насока во делот на развојот на урбанизмот и инфраструктурата во државата.
Почитувани сограѓани,
Како и досега, така и понатаму, јас ќе продолжам да работам макотрпно за да изработам што е можно повеќе проекти за граѓаните.
Продолжуваме понатаму, чекориме цврсто и одлучно кон остварување на нашата цел за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани.
Докажуваме дека можеме! Уште повеќе. Уште подобро.