Вчера во Штип заврши 35 издание на фестивалот на музика „Макфест 2020“. Победник е Нокаут со песната „Сакам да живеам“ за која доби парична награда од 5000 евра, втората награда и 3000 евра ги доби Ѓоко Танески за песната „Ден по ден“ и трета награда ја доби песната „Ако те изгубам“ во изведба на Омар Џаферовски за кои доби 1000 евра.
Никола Перевски-Пере од Нокаут по прогласувањето на победниците кажа дека ова е награда по 24 години работа.
“По 24 години конечно нешто да освоиме, публиката тоа го забележа, дека има некаков квалитет, што сме го направиле. Се разбира тука е жирото кое гласаше за нас и веројатно жирото, тоа го почуствувало. Најважно е за мене да почуствува песната, да се пренесе енергијата, кај публиката, еве и кај жирото и сметам дека е заслужено, “ кажа Пере од Нокаут.
Најдобар сценски настап имаше Виктор Апостоловски за песната „Срца камени“, дебитант „Душан Љубисавлевиќ-Дуле“ ја доби младата пејачка Полина за песната „Се се врти во круг“ а наградата за најдобра аранжман „Драган Ѓаконовски-Шпато“ ја доби Иле Спасев за песната „За нас“.
Годинава не се додели наградата за најдобра вокална интерпретација заради пандемијата и неможноста пејачите да пејат во живо.
Додека стручното жири гласаше, со сопствена шоу прграма се претстави Игор Џамбазов заедно со Гуру Харе, инаку поранешен победник на „Макфест“ со песната „Време за плачење“.
Што се однесува за почитувањето на здравствените протоколи фестивалот беше беспрекорно организиран. Волонтерите на ОО Црвен Крст постојано беа меѓу публиката, кои предупредуваа на држење дистанца и задолжително носење на заштитни маски. Во контекст на ова, организаторот со поддршка на фирмата „Мултихем“ обезбеди дезинфекциони средства за публиката, а долгогодишниот поддржувач на фестивалот „ЕАМ“ обезбеди заштитни маски. Фестивалот го поддржа и „Кит-го“, „Витаминка“, хотел „Гогов“,„Телекабел“ и „Брилијант„.
“Штип покажа дека знае и може да организира јубилеен фестивал и во услови на светската пандемија. Макфест останува еден од најголемите музички настани со многу важна музичка продукција,” изјави заменик градоначалникот Јане Миланов.
Организациониот одбор, искусен со децении, предводен од техничкиот раководител Кирил Панајотов, стори се што може, да обезбеди следење на фестивалот согласно сите стандарди и норми, но и да овозможи непречено одвивање на сите активности на сцената како и зад неа, во бекстејџот.
Годинава фестивалот го следеше и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, поранешен градоначалник на Штип. Годинашниов 35 роденден на „Макфест“ се оддржа на градскиот плоштад, под отворено небо, како резултат на светската пандемија, но и интересна промена која внесе свежина токму на големиот јубилеј. На првата ревијална вечер, осуммина изведувачи потсетија на некои од најголемите хитови на фестивалот низ годините.