Во организација на општина Штип и Комисијата за спорт беа доделени признанија на најдобрите и најистакнати спортисти. Признанија добија голем број на пионири, кадети, младинци, сениори, тренери и спортски работници кои несебично го вложуваат целиот свој труд во спортот и во неговото издигнување на највисоко ниво. За спортист на годината на град Штип е избран Емил Павлов, кој е двократен европски првак, а во 2021 година го оствари и неговиот најголем успех во карате освојувајќи го сребрениот медал на Светско првенство во Дубаи. За прв пат се додели признанието Спортски амбасадор кое го доби Бобан Николов, како штипски спортист кој за прв пат во историјата на македонскиот фудбал учествуваше на Европско првенство. Градоначалникот на Општина Штип лично ги додели овие две признанија за кои е посебно горд при што истакна дека негувањето на спортот е повеќе од начин на живот, дека спортот треба да се негува и гради уште од најрани години. Тој истакна дека посебно се гордее што град Штип и Република Македонија ги вреднува и величи ваквите талентирани спортисти.
Воедно градоначалникот истакна:
Почитувани медиуми,
Почитувана Претседателке на Совет на Општина Штип, г-ѓа Весна Кожинкова,
Почитувани Советници во Совет на Општина Штип,
Почитувани спортисти и спортски работници,
Почитувани гости, поддржувачи на спортските успеси на нашите шампиони,
Навистина ми е драго што денес, во оваа сала, сум во друштво со најуспешните во нашиот град во областа на спортот. Поради пандемијата, настанот е од полузатворен карактер, меѓутоа се надевам дека од наредната година ќе имаме можност да направиме достоинствена прослава, по повод спортските достигнувања на секој еден спортски работник, а се исто така се надевам дека оваа сала догодина ќе биде премала, за да ги собере сите најуспешни во спортот.
Да си успешен спортист – значи да жртвуваш дел од себе.
Да успееш да оствариш високи резултати – значи да се откажуваш во континуитет од задоволствата на твојата генерација.
Да направиш значителни спортски резултати – е мисија која значи давање натчовечки физички напори, за да успееш во поставената цел.
Изборот за најдобар спортист, е традиционален настан, со кој даваме мотивација повеќе и дополнителен поттик за сите оние кои дале се* од себе, максимално се вложиле да остварат големи резултати и неверојатни достигнувања во областа на спoртот.
На мое огромно задоволство, нашиот град има историја на врвни достигнувања, па претпоставувам затоа секоја година, Комисијата за Избор за најдобар спортист има не само полни раце работа, туку и многу тешка задача – да одлучи кој спортски подвиг е најголем во рамките на една категорија.Денес ќе дадеме признанија на оние кои се истакнале во текот на минатата година, меѓутоа апелирам до оние кои не успеале да се пласираат, во текот на 2022 година, да смогнат повеќе сили и да станат број еден во нивната дисциплина. Денешниот настан е само дел од она што треба да го правиме, за да славиме многу успеси. Оваа, 2022 година, ќе дадам се* од себе, за да направам поголем број спортски терени и содржини, со кои ќе ја унапредам положбата на спортот во Општина Штип, предвидовме над 15 милиони денари за поддршка на спортските клубови и се разбира правиме планови за уште поголеми проекти, за уште поголеми успеси.
Спортските клубови знаат дека вратите на локалната самоуправа се секогаш ширум отворени и поддршката која им ја даваме е во насока токму на овие големи резултати и достигнувања. На крај, би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на сите родители, кои одгледале, се жртвувале и одвоиле дел од своето време, за да овозможат нивните деца да ги постигнат овие врвни резултати.
Би сакал да се заблагодарам и на сите спортисти и спортски работници, кои се наши амбасадори и наша гордост, кои стојат позади родниот град и својата татковина и нижат успеси под боите на македонското знаме.
Ви благодарам и ви се поклонувам!