Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски заедно со директорката на ООУ „Тошо Арсов“, Фросина Маџарова извршија увид во започнатите припремни активности за реконструкција на фасадата на целото училиште и во спортската сала и кровот на целото училиште и спортската сала.
Се работи за поголема капитална инвестиција која ќе даде нов изглед на училиштето и ќе придонесе за подобри услови на учениците и наставниот кадар.
„Ова е поголема инвестиција од над 650.000 евра и со овие средства целосно ќе се реконструира фасадата и кровот во целото училиште и спортската сала.
Досега тука имаме инвестирано во реконструкција на санитарните јазли, промена на прозорите после неколку децении, реконструкција на дворот и дворната површина,“ изјави градоначалникот Бочварски.
Директорката Маџарова изјави дека по неколкуте укажувања од интегралните инспекции конечно се започнува со реконструкција и поставување на нов кров и термоизолациона фасада.
Раководителката на образование при Општина Штип, Билјана Казанџиска истакна дека се работи на темелно реконструирање во основните училишта и во изминатите две години се вложени сериозни средства од локалната самоуправа.