Денес Градоначалникот Иван Јорданов одржа прес конференција на која истакна дека: Оваа година ќе направиме историски исчекор во висината на капитални инвестиции во нашиот град. И покрај огромните долгови на ЈП Исар, енергетската криза и ограниченоста на годишниот буџет на општина Штип, сепак, нивото на инвестиции успеавме да го проектираме на неверојатни 37% од вкупниот буџет за 2022 година и уште во првиот квартал ќе почнеме со реконструкција улици, тротоари, водоводни и канализациони мрежи во износ од 100 милиони денари. Веќе распишавме тендери за целосна реконструкција на ул.Кежовица во Ново Село и улиците Стив Наумов, Пане Гочев и Бел Камен во Исарот со комплетна промена на водоводна и канализациона мрежа.Оваа активност ќе се рализира во соработка со ЈП Исар.
Општина Штип распиша тендер и очекуваме веќе со подобрување на временските прилики да започнеме со асфалтирање на следниве улици и тротоари: ул. Лески; ул. Ристо Стојков и ул. Баница; ул. Ванчо Китанов; ул. Цвета Јованова; ул. Сутјеска и ул. Пиринска; уредување на паркинг просторот на ул. Пиринска спроти т.ц. Дујле; уредување на улици во поранешна Метална; ќе ја асфалтираме ул. Јосиф Ковачев и ќе уредиме тротоар со асфалт на ул. Васко Каранѓелевски. Во завршна фаза е изработка на проектот ШТИП БЕЗ КАЛ, а во наредните денови се очекува распишување на тендер за асфалтирање на улиците во нас. Балканска, Железничка, Чардаклија, Караорман, Плуждино кои никогаш до сега не биле асфалтирани.
Со подобрување на временските прилики започнуваме со проширување на главната крстосница во нас. Сењак. Ова се само дел од улиците кои ќе ги реконструираме во текот на следните месеци. Во однос на тротоарите, веќе е распишан тендер за реконструкција на патеките за пешаци на: ул. Партизанска во нас. 8ми Ноември; дел од тротоарите на ул. Христијан Карпош и ул. Вардарска; ул. Партизанска кај Дом на млади; ул. Гоце Делчев од црква Св. Никола до Автобуска станица; ул. Крсте Мисирков до ул. Васил Главинов и ул. Браќа Даневи. Исто така во постапка за распишување е тендер за конзоли на река Отиња со што целосно ќе се прошири главната сообраќајница во центарот на градот.
До крајот на годината во Штип ќе инвестираме повеќе од 250 милиони денари за капитални инвестиции. Ќе ги асфалтираме и ќе ја промениме целокупната водоводна и канализациона мрежа во населба Автокоманда, а веќе започнуваме со сериозни подготовки за реализација на водоводната Линија 2. Во тек е и тендерска постапка за набавка на противпожарно возило и опрема за пожарникарите.