Денеска в.д. Градоначалникот на Општина Штип, Јане Миланов заедно со заменик шефот на мисијата на Амбасадата на Република Јапонија, г. Такахаши Сатору и директорката Билјана Трајчевска го посетија клонот „Цветови“ на градинката „Астибо“ во населбата Осми Ноември.
Амбасадата на Република Јапонија донираше средства во висина од 55.000 евра на детската градинка „Астибо“ кои беа искористени за замена на прозорите, вратите и обнова на системот за парно греење.
„Сакам да упатам благодарност до Јапонската Амбасада и народот на Република Јапонија, за донацијата и се надевам дека оваа соработка ќе продолжи.
Дополнително овој клон „Цветови“ од свои средства има инвестирано во набавка на шкафови, теписи, завеси и душеци, инвестиција во висина од 25.000 евра,“ истакна в.д. Градоначалникот на Општина Штип, Јане Миланов.
Ова обновување на клонот „Цветови“ е резултат на добрата соработка помеѓу Амбасадата на Република Јапонија, Општина Штип и Центарот за развој на Источен плански регион.
„Целта на овој проект беше да се подобри околината и квалитетот на живот кај најмладите граѓани на оваа општина. Нашата поддршка е фокусирана на помаѓање на граѓаните и нивниот квалитет на живеење, ние јапонскиот народ сме многу среќни како пријатели на македонскиот народ,“ истакна заменик шефот на мисијата на Амбасадата на Република Јапонија, г. Такахаши Сатору.
Директорката на градинката „Астибо“ истакна дека инвестициите во инфраструктурно подобрување ќе продолжат секаде кадешто е потребно.