На 1 декември, Меѓународниот ден за борба против СИДТА, во Општина Штип се одржа прес конференција за резултатите од спровдеувањето на проектот: „Подигање на свеста на средношколската младина за сексуално преносливи болести и можните последици од нив во насока на превенција на истите“.
Овој проект е дел од активностите во Годишната програма за еднакви можности на Општина Штип за 2023 година и беше реализиран во средните општински училишта и Државниот музички училишен центар „Сергеј Михајлов“ од Штип.
Истиот беше спроведуван и во текот на изминатите години почнувајќи од 2010 до 2019 година, по што, со започнување на Пандемијата на Ковид 19 беше прекинат.
Годинава, Истиот беше реализиран од страна на доктори епидемиолози од Центарот за јавно здравје од Штип. Целна група ни беа средношколците од прва година во сите средни училишта во општината.
Имајќи предвид дека наш приоритет е здравјето на сите граѓани, а особено на младата популација, сметавме дека реализирање на овој проект е од голема важност за едукација на младите со цел самите да го заштитат своето здравје.
„Сите овие активности не би можеле да ги спроведеме без соработката со ЦЈЗ Штип и без професионалниот ангажман на докторките епидемиолози д-р Светлана Живкова и д-р Јасмина Саздовска, за што ја користам оваа прилика да им се заблагодарам“, истакна координаторката за еднакви можности на Општина Штип, Снежана Санева.
Проектот беше спроведен кај вкупно 469 ученици од прва година во сите средните училишта во Општина Штип.
Истиот се состоеше од првично тестирање за да се добие увид во основните познавања на учениците во однос на сексуално преносливите заболувања, патиштата на пренос, како и мерките на превенција, по што следеа предавања и пост тестирање. Во најголем процент учениците на предтестирањето ја познаваа сидата како сексуално пренослива болест.
По предавањето во посттестот покрај сидата беа наведени и други сексуално преносливи болести. Учениците научија дека сексуалниот однос не е единствен пат на пренос на СПБ како што наведуваа во преттестот, па во посттестот учениците ги препознаа и другите патишта на пренос како што се преку крв и телесни течности и пренос од мајка на плодот.
Во однос на ризиците и последиците од СПБ исто така во посттестот се забележа препознавање на повеќе ризици и последици од СПБ за разлика од преттестот. Како превентивна мерка во преттестот главно беше наведувана употребата на кондом, но во посттестот веќе учениците препознаваа и како точен одговор бираа повеќе превентивни мерки кои се подеднакво важни и ја разбраа важноста за истовремена примена на повеќе превентивни мерки за најголема безбедност.
Резултатите од предтестот и посттестот ни се главен показател дека предавањата беа успешни и продуктивни. Речиси на сите прашања во посттестот се зголемува процентот на точни, а се намалува процентот на неточни одговори во однос на предтестот. Но и покрај успешното предавање, едукaцијата на оваа тема и општо на тема сексуално и репродуктивно здравје треба да продолжи континуирано и интензивно.
Препораки:
– Што поголем број на ученици да бидат опфатени со едукација на теми од областа на сексуално и репродуктивно здравје.
– Ваков тип на едукација потребно е да се спроведува секоја година континуирано, со цел подобрување на нивото на здравствената култура на средношколската младина.
– Поголема информираност за сексуално преносливи болести, ризици, последици и превенција од нив на населението преку медиумите.
– Спроведување на кампањи со изработка на брошури и постери за СПБ и нивна дистрибуција низ училиштата.