Граѓаните на Штип се горди на културно – историските знаменитости. Штип има развиена мрежа на културни институции од кои позначајни се:
- НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј каде се чуваат збирки и фондови од областа на археологијата, етнологијата, историјата и уметноста;
- НУ Библиотека „Гоце Делчев“, која денес има голем опус на издавачка дејност. Повеќе од 20 години во склоп на Библиотеката функционира и Литературниот клуб Искра ;
- Државниот архив е институција од регионален карактер со седиште во Штип каде се депонирани 591 фондови со 5 740 архивски кутии и 5 730 книги;
- Дом на млади опфаќа културни активности што се интересни за младата популација. Организатор е на Астибо џез фестивал;
- Уметничка галерија Безистен е споменик на културата што датира од втората половина на 16 век кога служел како главна чаршија за продавање на луксузни стоки. Денес е најсоодветен простор за музички концерти и ликовни изложби;
Штип е познат и по бројни културни настани. Повеќе од две децении се одржува Штипско културно лето каде уметниците се претставуваат со книги, фотографии, уметнички слики, концерти и друго.
Од манифестациите што се одржуваат во НУ Центар за култура најрепрезентативен е Фестивалот на музика ,,Макфест” што во 2010 година ќе го одбележи својот 25 – годишен јубилеј. Од 2009-та година се одржува во организација на Општина Штип.