Денеска се одржа состанок на Општински штаб за заштита и спасување во проширен состав кадешто присутни беа претставници од ЦЈЗ Штип, ДСЗИ Штип, СВР Штип, ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“ Штип, ТППЕ Штип, Дирекција за заштита и спасување и АРМ, а дополнително на овој состанок присуствуваше и државниот секретар во Министерство за здравство, Владимир Милошев.
Општинскиот штаб за заштита и спасување ги донесе следните одлуки:
– На предлог на Општинскиот штаб за заштита и спасување до Централниот кризен штаб, од утре (вторник) 02.06.2020 г., ќе бидат затворени 5 конфекции во Општина Штип.
– Од утре започнува пошироко тестирање за Ковид 19 на вработените од овие 5 конфекции.
– Задолжително вработените од овие 5 конфекции треба да останат во самоизолација и да ги почитуваат мерките за заштита на сопственото и на здравјето на останатите граѓани.
– Општинскиот штаб за заштита и спасување е ПРОТИВ карантин за Штип но ќе ја следи ситуацијата во наредните неколку денови и доколку бројката на заболени лица се зголемува ќе биде предложено до Централниот кризен штаб, за затворање на градот и воведување на полициски час.
Апелираме за најсериозно почитување на мерките и насоките од Владата и институциите!
Посебен апел до оние граѓани кои шират лажни вести дека вирусот не постои и е измислица, а всушност се работи за вирус којшто е сеуште присутен овде и борбата со истиот треба да ја водиме сите заедно.
Да не дозволиме поради некои коишто не ги почитуваат мерките да го затвориме целиот град, а со тоа да ја запреме економијата и граѓаните да останат на улица.