Желбата пред пошироката јавност да се презентира и да биде достапен до посетителите богатиот фонд на икони, како и сакрални предмети, а истовремено тие да бидат што подобро заштитени и негувани, придонесе да се оформи една галерија на икони сместена во галерискиот простор на црквата Св. Никола во Штип.
Галеријата на икони е формирана во 1990 год. Таа содржи голем дел од уметничките ракотворби од Брегалничкиот регион.
Иконостасот на црквата е величествен и содржи многу вредни икони. Постои и полукружен свод што е зацврстен на четири основи во олтарот, а е наменет за богослужби. Иконите, иконостасот и останатите фрески се сметаат за своевидно културно-уметничко богатство, не само на црквата и на градот туку и на цела Македонија. Галеријата е збогатена со: рачно изработени икони од многу познати зографи, кои работеле на Истокот помеѓу 17 и 19 век, ретки и стари црковни книги, графирани сребрени крстови, метални и бакарни изграфирани чаши за богослужение и други вредни сакрални предмети.
Во јужниот дел на Галеријата има 29 икони што датираат од 18 и 19 век од зографите: Џико од селото Осој, Константин и Петре Новев од селото Тресонце, Крсе Зографот од Велес, Адамче и други. Меѓу иконите се издвојуваат: Природата на Исус, Свето Тројство, Свети Јован со житието и други. Во западното крило на галеријата има 32 икони.
Поголемиот дел од нив датираат од 19 век. Автори на овие икони се: Данаил Коцов од Штип, Станислав Доспески и други. Поважни меѓу делата се иконите со наслов: Исус Христос, Свети Никола, Света Богородица и други.
Во северниот дел на галеријата поставени се 31 икона. Тие се ремек – дело на Петре Новев, Исаија Дебарлија и Константин Андонов. Меѓу иконите особено се издвојуваат: Свети Симеон, Света Мина и Крштевањето на Исус. На северниот дел од иконостасот се наоѓаат 16 икони.
Посетителите најмногу ги привлекуваат иконите на главниот иконостас. Ги има вкупно 67. Најголем дел од нив се направени од најпознатиот зограф на 19 век, поточно од 1890 година, Димитар Папрадишки. Освен иконите, во седум кутии изложени се псалми што се печатени во 19 век во Москва, потоа Минеи (книги што ги опишуваат богослужбите за Света Богородица и другите светци, поделени во 12 месеци) и Евангелија по текстови на Светите Матеја, Марко, Лука и Јован.
Во галеријата се изложени и неколку венчални круни што датираат од 19 век и други пратечки предмети од типот на путири (сребрени длабоки чашки за богослужба), сребрени лажици, крстови, сребрени светилки и друго.
Оваа галерија потекнува од 90 – тите години, но постои уште една што е стара над 3 децении. Во галеријата во Штипско Ново Село, која постои од 1972 година, собрани се 132 дела, збогатени со 90 – ина икони од големиот иконостас, сместен во долниот дел на црковниот храм или вкупно 222 икони и црковни предмети, изработени во период од 1861 до 1866 година од познатиот академски сликар Станислав Деспотовски од Самоков. Тогашните црковни власти, Музејот во Штип и поединци, кои се занимаваат со црковна и културна дејност, ја дадоа иницијативата во црквата Пресвета Богородица да се востанови црковно – уметничка галерија. Тоа и се случи во 1972 год. Галеријата го презентира големото историско, црковно и ликовно минато на Македонија. Посебно место во изложбената постановка припаѓа на иконописната претстава на платно т.н. Чудотворната моќ на Богородица, работена од зографот Теодосие од Велес. Другите свештеници во црквата заедно со жителите од Штипско Ново Село грижливо ја чуваат Галеријата и целата црква. Во втората половина на 19 век се појавил уште еден зограф од Штип: Данило Коцев – штиплијата. Тој во 1914 година ја насликал во маслена техника композицијата Полагањето на Христос во гроб.
Во 1919 година зографот Костадин Иванов Вангелов го насликал Оплакувањето на Христа. Во галеријата се наоѓа и едно ретко дело Обрезание Христово што Штипјанецот Данаил Коцев го насликал во 1895 год. Путирите, кандилата и другите предмети во Галеријата ја илустрираат умешноста на локалните кујунџиски работилници. Црковниот храм ,,Успение на пресвета Богородица” се вбројува во првите црковно – училишни општини во Македонија.