Античкиот град Баргала и понатаму е главен извор на материјал од антички период. Градот Баргала се споменува и во актите на Халкедонскиот собор од 415 год. Името на градот се споменува и на еден натпис од 371 год., кој претставува спомен – плоча за подигање градската порта. Плочата е најдена во месноста Ханче, на левиот брег на реката Брегалница, во атарот на Општина Карбинци. Овој поменик дава податоци каде се наоѓал античкиот град Баргала, како и за проблемите на границата на Македонија кон Тракија и Дакија. Името на градот е со тракиско потекло.
Старата античка населба со градски карактер со името Баргала се наоѓала кај Долни Козјак. Овој град при крајот на 4 век служел како воен камп на римските легии во поход на исток. Подоцна бил разурнат. Жителите подигнале нов град крај Козјачка Река кај Горни Козјак, што е потврдено со археолошки наоди. Овој град станал епископско седиште во 5 – 6 век. Епикопскиот град Баргала е разорен од аваро – аловенските напади, но брзо потоа бил населен. Црковната традиција на старото епископско седиште продолжило во словенскиот период на овој простор. Во поново време археолозите од Заводот и Музеј во Штип открија уште една базилика од ранохристијанскиот период што потекнува од 6 век. Со тоа Баргала има 3 базилики. Освен тоа, откриена е и винарија во североисточниот дел на ископините. Баргала и понатаму важи за еден од најважните античко – историски локалитети и бесконечна инспирација за археолозите од Македонија.