Врз основа на одлука на Советот на Општина Штип од 1. Август 2012 година, на 26. декември 2012 година потпишана е спогодба за основање Локален економско социјален совет помеѓу три страни: Општина Штип, Организацијата на работодавачи на Македонија и Сојузот на синдикати на Македонија – синдикална канцеларија Штип. Во Штип на 5 февруари 2013 година, е одржана конститутивна седница на Локалниот Економско – социјален совет.
Локалниот Економско – социјален совет има консултативно – советодавна функција, разгледува различни прашања од економскиот и социјалниот живот, дава свои мислења, предлози и препораки до Советот на Општината и до другите органи. Посебно значење му се придава на прашањето на вработувањето на младите и зајакнувањето на врските меѓу пазарот на трудот и соодветното образование на младите.
Во Локалниот Економско – социјален совет на Општина Штип партиципираат три страни: по тројца претставници од локалната самоуправа, од работодавачите и од синдикатите. Од страна на синдикатите двајца претставници се од Сојузот на синдикатите на Македонија и еден од Конфедерацијата на слободни синдикати. Исто така во Советот партиципираат и членови на агенциите за вработување, образованието, невладини организации и други интересни групи.
Најголема благодарност за основањето и работењето на ЛЕСС на Општина Штип, искажуваме кон невладината организација “УСАИД“, проект “Мрежа ЈЕС“.