Во рамките на програмата URBACT Pioneers Accelerator, на 24 октомври 2025 година во детската градинка „Вера Циривири Трена“ во Штип се одржа едукативна работилница за најмладите, посветена на управувањето со отпад, рециклирањето и заштитата на животната средина. На настанот учествуваа околу 30 деца и едукатори, организиран од Општина Штип.
Целта на оваа иницијатива беше на забавен и едукативен начин да им се приближи на најмалите значењето на правилното фрлање и селектирање на отпадот, како и улогата на секој поединец во одржувањето на здрава и чиста средина.
Програмата опфати неколку интерактивни активности:
- Приказната „Тајната мисија на еко-истражувачите“, преку која децата дознаа како се чува чистотата во градот.
- Играта „Сортирај го отпадот“, каде децата практично учеа да го одвојуваат отпадот во соодветни мини-контејнери во боја (Хартија – сина, пластика – жолта, стакло – зелена, органски отпад – кафеава).
- Креативната активност „Мојот контејнер има приказна“, во која малите учесници цртаа идеални контејнери со супермоќи.
- Фото-сафари и кратко шетање, со цел директно набљудување на постоечките контејнери во околината.
На крајот, секое дете доби беџ или налепница „Јас сум мал еко-чувар!“, а работилницата потврди дека едукацијата за одржливост може успешно да започне од најрана возраст.


