Во рамките на програмата URBACT Pioneers Accelerator, на 24 октомври 2025 година во Штип се одржа теренската работилница и акција „Urban Safari“, посветена на мониторинг и идентификација на предизвиците во управувањето со отпадот. На настанот учествуваа околу 21 претставник, меѓу кои локалниот економски советник и координатор Никола Илиев, претставници од ЈП „Исар“, општинските одделенија за животна средина и урбанизам, невладиниот сектор, Источниот плански регион, како и образовни институции.
Целта беше преку директно набљудување од перспектива на граѓаните да ги идентификуваме предизвиците со управуването со отпадот во нашиот град!
- Учесниците беа поделени во мешани тимови кои посетија неколку клучни локации во центарот, населбите, пазарите и околу училиштата.
- Тимовите документираа состојби поврзани со пристапноста за камионите и граѓаните, однесувањето на корисниците, како и еколошките услови на терен.
- Беа забележани локации со преполни контејнери во густо населените области, недостаток на капаци на одредени садови за отпад, што предизвикува непријатни мириси.
Како клучни чекори за надминување на овие предизвици беше истакната потребата од оптимизација на распоредот и бројот на контејнерите во критичните области, разгледување на можноста за воведување паметни контејнери со сензори, како и континуирани активности за подигање на јавната свест и граѓанската одговорност.
Со заеднички сили и меѓусекторска соработка градиме подобри услови за живот во Штип.


